Земјоделците од тетовски села се жалат дека не добиле оштета за невремето во 2024 година
- Сè уште чекаат исплата на оштета поради невремето во јуни 2024 година, се пожалија денеска со протестен собир пред Општина Тетово група на земјоделци селата Порој, Џепчиште, Мала и Голема Речица. Според нив само оваа општина од тетовскиот регион нема исплатено обесштетување за земјоделците.
Тетово, 13 февруари 2026 (МИА) - Сè уште чекаат исплата на оштета поради невремето во јуни 2024 година, се пожалија денеска со протестен собир пред Општина Тетово група на земјоделци селата Порој, Џепчиште, Мала и Голема Речица. Според нив само оваа општина од тетовскиот регион нема исплатено обесштетување за земјоделците.
Тие добиле решенија за утврдена штета од соодветна комисија според која ќе добијат десет отсто обесштетување, по пет од општината и пет проценти од државниот буџет преку Министерството за земјоделство.
- Јас 500 тона бостан сум имал штета. Со тоа се занимавам. Ни еден денар немам добиено од државата. На крај од оваа наша општина рекоа, пред месец дена се собравме тука, дека сме требале да осигураме, ама нема такви што можеме да осигураме земјоделство. Никој не ги прима. Парите од оштетата ни се потребни за да имаме со што да набавиме материјали за пролетната работа на нивите, изјави Муарем Исаки.
Од Општина Тетово информираат дека постапката е во тек и дека ќе до крајот на февруари земјоделците ќе бидат обесштетени.
-Надлежните институции ги завршија административните процедури, отворајќи го патот за извршување на исплатите. Според предвидената динамика, се очекува обесштетувањето на погодените земјоделци да биде извршено до крајот на овој месец, соопштија од Општина Тетово.
Според земјоделците од руралните подрачја на Општина Тетово околу 500 луѓе пријавиле штети по невремето во 2024 година. ас/сст/
фото: МИА